Милевски: Арената „Филип Втори“ да ни биде мотив повеќе за успех против Австрија

По два порази во низа, од кои еден срамен против аутсајдерот Гибралтар, младата македонска фудбалска репрезентација утре од 13 часот на Националната Арена „Филип Втори“ ќе се обиде да се врати на победничкиот колосек против Австрија во четвртиот меч во квалификациите за Евро 2019 во Италија.

Македонија има нов предизвик во овие квалификации, а Австрија треба да биде шанса за младите црвено-жолти момчиња да покажат дека навистина имаат квалитет.

„Подготвени сме да покажеме дека имаме квалитет и потенцијал, дека сите резултати во подготвителниот период и со Ерменија не се случајност. Момците се решени и ќе го покажат сиот свој потенцијал и квалитет. Знаеме дека не чека тежок меч и пак ќе кажам се зависи од нас, од тоа како ние ќе бидеме и ќе изгледаме на теренот“, вели Милевски.

Тоа што Македонија по една година повторно ќе игра на нашиот најголем стадион треба да биде мотив повеќе за фудбалерите.

„Арената секогаш носи послебна драж, од психолошки аспект, и тоа треба да ни биде мотив плус утре“, додава Милевски.

Австрија пред три дена загуби од Србија со 1-3, но според Милевски резултатот не е одраз на вистинските сили на теренот.

„Резултатот на тој меч не е вистинско мерило за текот на целиот меч и за вредностите на двете екипи. До 82 минута беше 1-1, а Австрија се покажа со борбен дух, со цврстина, агресивност, и квалитет кој го поседуваат. Секоја селекција има свои добри и лоши страни, а ние треба да се обидеме да се наметнеме на теренот и да ги искористиме тие слабости што ги имаат“, додава Милевски.

По двата порази, Австрија е шанса да се излезе од „кризата“ и овој дуел е клучен за да се врати Македонија во борба за врвот.

„Имаме уште седум меча до крајот, а шанси како шанси секогаш постојат. Не очекуваат мечеви со директни противници за врвот и мислам дека овие мечеви, почнувајќи од Австрија, утре може да биде клучен, но и не мора да значи. Овој меч е шанса да видиме до каде ни се можностите во овие квалификации. Јас не сум бил категоричен дека целта во овие квалификации ни е пласман на ЕП, туку основна цел е да се подобри рејтингот на УЕФА рејтингот и да се остане подолго конкурентен во квалификациите за евентуален пласман. Притисок секогаш постои, без разлика дали е Гибралтар, Австрија или Србија и секогаш постои притисок. Квалитетот или способноста да се справи еден фудбалер со притисокот ја прави разликата меѓу играчите и натпреварувачите. Момците покажаа дека имаат талент, дека може да се носат со одреден притисок, без оглед дали е позитивен или негативен. Сега како ќе се однесуваат во текот на овие квалификации ќе видиме,“, рече Милевски.

Селекцијата за овој меч е „засилена“ со македонскиот бисер Елиф Елмас, кој се враќа во овој тим откако со надежите до 19 години избори пласман во елитната фаза. Елмас не беше повикан за овој дуел, но откако младинците направија историски подвиг, сега тој е ослободен од две години помалата генерација.