Македонијо не се грижи за фудбалот, тука се момците до 19 години!

Фудбалската репрезентација на Македонија до 19 години за прв пат ќе игра во елитните квалификации за пласман на Европското првенство во Финска во 2018 година. 

Селекцијата предводена од селекторот Вујадин Станојковиќ го оправда епитетот најталентирана генерација во историјата на Македонија. Со фудбалски бисери како Јани Атанасов, Елиф Елмас и Дарко Чурлинов, нашиот национален тим во првата фаза од квалификациите победи селекции како Швајцарија и Белгија. Лихтенштајн беше само полесен тренинг за овие момци, кои денеска за крај славеа со убедливи 6-0 против аутсајдерот во групата.

Во листата на стрелците се запишаа Дарко Чурлинов, Бојан Колевски, Бојан Миовски, а хет-трик постигна Димитар Митровски за лесна и убедлива победа на Македонија. Три победи на три натпревари на турнирот што се одржуваше во Скопје е доволна препорака за нашиот национален тим за пролетните елитни квалификации. 

Патот до континенталниот турнир во Финска нема воопшто да биде лесен, бидејќи таму ќе учествуваат само најдобрите осум селекции од елитните квалификации. Македонија своите противници во следната фаза ќе ги дознае на шести декември кога ќе биде изврешена ждрепката. Покрај нашата репрезентација во елитните квалификации пласман обезбеди и Белгија, која денеска со 5-3 беше подобра од Швајцарија. 

Неколку фудбалери од оваа генерација веќе имаат искуство со сениорскиот национален тим, што е доволен показател дека Македонија не треба премногу да се грижи за својата иднина. Можеби сегашната репрезентација до 21 година, го нема квалитетот на онаа минатата, која донесе позитивен шок кај сениорите, но затоа пак овие момци до 19 години имаат талент, кој подоцна ќе го понесат со себе во повозрасните категории.