Македонија за малку ќе добиеше награда за фер-плеј од УЕФА за – најголем напредок (ФОТО)

Македонија за малку ќе добиеше награда за фер-плеј од УЕФА и само за 0,192 бодови ѝ избега признание за најголем напредок, кое го освои Северна Ирска на рангирањето за фер-плеј на европската централа за ланската сезона 2021/22.

Македонија заврши како четврта на рангирањето за најголем напредок, зад Малта која ја добива наградата за фер-плеј, Северна Ирска која е носител на наградата за најголем напредок (бидејќи Малта ја освои главната награда) и Молдавија.

Изненадувачки, Македонија редовно низ годиниве беше на самото дно на УЕФА ранг-листата, но за изминатата сезона има огромен напредок од ланските 7.516 поени на сегашните 8.036.

Фер-плеј листата УЕФА ја прави врз база на однесувањето на репрезентациите и клубовите, како и на навивачите, а најмалку треба да има една земја 46 натпревари во сите конкуренции и категории во една сезона.

Македонија на главната листа е на 34-то место, што е сериозен напредок од скоро 20 позиции, а на листата за однесувањето на навивачите се најде меѓу 20-те најдобри, на 19-та позиција.