Вечерва играат Луксембург - Белорусија, навивајте за реми!

Македонската фудбалска репрезентација утре му гостува на Лихтенштајн во Вадуц во претпоследниот меч во групната фаза во Лигата на нации, во која победата за црвено-жолтите е императив, како и триумф во последното коло со Гибралтар во вторник, за да се завери првото место и пласманот во плејофот на Евро 2020.

Но, освен два триумфа за прво место, Македонија на следните два меча ќе мора да победи и за да го освои барем второто место во генералниот ранкинг во Д-дивизијата, со цел да го осигура домашниот терен за полуфиналниот меч во март 2020.

Македонија со 9 бода моментно е трета во генералниот пласман, поради послабата гол разлика од Луксембург, додека Грузија со максимални 12 бода и убедлива гол-разлика е убедливо прва. Зад Македонија е уште Косово со 8 бода на две кола до крајот, но во игра за трите противници на патот кон Евро 2020, покрај веќе пласираната Грузија ќе се борат до крај уште и Белорусија и Азербејџан.

Денеска на програмата е дербито за првото место во Луксембург, каде што малата земја која е вистинска сензација и поради настапот на Дуделанж во Лига Европа ја пречекува Белорусија. Луксембург има бод повеќе од Белорусите и победа ќе значи дека тие ќе го заверат првото место на коло до крајот. Ако победи Луксембург, тогаш Македонија ќе мора да се надмине себеси и со добра гол-разлика на двата преостанати меча да го прескокне противникот за полуфиналето да го игра дома. Луксембург има гол-разлика 10-1, додека Македонија има 8-5. Ова значи дека Македонија ќе треба да даде седум гола повеќе од тоа што би постигнале Луксембуржаните на двата наредни дуели. Во случај на реми, Македонија со две победи ќе го задржи второто место во севкупниот ракинг, а тоа ќе биде најдобра опција зашто во тој случај во полуфиналето би го чекале Луксембург во Скопје, што е најповолна варијанта за нас. Ако вечерва слави Белорусија, тогаш таа би излегла како победник на групата, но ќе треба тоа да го верификува во последното коло со триумф против Сан Марино.

Косово може уште в сабота да биде прв и сигурен патник во плејофот, ако Азербејџан не победи, а соседот триумфира на гости кај Малта. Косовците имаат осум бода, Азербејџан има шест, а ако и двете победат, ќе решава меѓусебниот меч во идното коло.

Македонија мора да има две победи, со кои ем ќе го завери првото место во Д-групата, а големи се шансите да имаме и меч на домашен терен во полуфиналето. Според правилникот, првиот и вториот од рангирањето се домаќини и тоа првиот оди на четвртиот, а вториот на третиот. Но, ако ако Луксембург денеска победи, многу веројатно би било ние во полуфинале да гостуваме кај оваа земја. А ако одиграат реми или пак загубат, Македонија можно е да игра полуфинале со Белорусија или со Косово (на домашен терен), зашто овие две селекции имаат ист број на бодови, па кај нив ќе решава гол-разликата.

За финалето ќе има ждрепка за домаќинот на мечот за историја на некоја од малите селекции од Д-дивизијата.

Денешните мечеви, како и нашиот утрешен и саботниот во групата на Косовците ќе откријат каков пат би нѐ чекал кон Евро 2020..

ГРУПА А: Грузија 12, Казахстан 5, Летонија 2, Андора 2
СЛЕДНИ МЕЧЕВИ: Казахстан – Летонија, Андора – Грузија (денеска), Грузија – Казахстан, Андора – Летонија (19 ноември)

ГРУПА Б: Луксембург 9, Белорусија 8, Молдавија 5, Сан Марино 0
СЛЕДНИ МЕЧЕВИ: Луксембург – Белорусија, Сан Марино – Молдавија (денеска), Сан Марино – Белорусија, Молдавија – Луксембург (18 ноември)

ГРУПА Ц: Косово 8, Азаебејџан 6, Фарски Острови 4, Малта 2
СЛЕДНИ МЕЧЕВИ: Азербејџан – Фарски Острови, Малта – Косово (сабота), Малта – Фарски Острови, Косово – Азербејџан (20 ноември)

ГРУПА Д: Македонија 9, Гибралтар 6, Ерменија 6, Лихтенштајн 3
СЛЕДНИ МЕЧЕВИ: Гибралтар – Ерменија, Лихтенштајн – Македонија (утре), Македонија – Гибралтар, Лихтенштајн – Ерменија (19 ноември).