Напредок без игра: Македонија скокна за две места на ФИФА-листата

Македонската фудбалска репрезентација после падот за пет позиции по двата јунски порази од Полска (0-1) и Австрија (1-2), денеска напредуваше за две места и се најде на делба на 71-та позиција на најновата ФИФА ранг-листа.

Македoнската репрезентација повторно, како и неколкупати во последниве два месеци, напредува кога не игра, па со задржаните 1.333 рејтинг-поени, сега го дели 71-то место со Кина. Напредокот се должи на големите поместувања на листата поради континенталните шампионати во Јужна Америка и во Африка, по кои најголем напредок имаат шампионите Бразил односно Алжир.

Бразилците стигнаа до второто место зад Белгија, а во топ десет влегоа и Колумбија и Аргентина. Алжир, пак, напредуваше за 28 позиции и е селекција со најголем напредок месецов – до 40-то место. На врвот остана Белгија, пред Бразил, Франција (пад за едно место), Англија, Уругвај (скок за три места), Португалија (пад за една позиција), Хрватска (пад за една позиција), Колумбија (скок за пет места), Шпанија (пад за две места) и Аргентина (скок за едно место) во топ десет.

Од македонските противници во групата, Полска и Австрија назадуваа за по едно место до 20-та односно 27-та позиција, а Словенија напредуваше две места до 63-то место. Израел падна за две места и сега го дели 84-то место, додека Летонија скокна за три позиции до 134-то место.

Следната листа ќе биде на 19 септември.