Македонија – Косово на празна Арена: УЕФА ќе забрани публика до крајот на годината?!

Иако до 17 јуни ќе се чека за да го дознаеме точниот термин кога македонската фудбалска репрезентација ќе го одигра двапати одложениот историски полуфинален бараж за пласман на Евро 2020 со Косово во Скопје, лоши најави доаѓаат од високи челници на УЕФА дека можно е мечот да се игра на празна Арена во нашиот главен град.

Според Евелин Кристилин, член на Извршниот комитет на УЕФА, кој два дена ќе разговара за да ги соопшти сите детали околу завршетокот на сезоната и почетокот на новата на 17 и 18 јуни, на состанокот на највисокото тело ќе се разгледува и да се донесе одлука евентуално сите меѓународни мечеви да се играат без гледачи. Тоа би значело голем пех за Македонија, зашто би останала без сериозна поддршка од трибините на патот кон виза за историски пласман на ЕП.

„Стадионите остануваат празни и за ова ќе разговараме на Извршниот комитет. Од многу фактори зависат многу одлуки, прво од кривата на заразата, ама мора да бидеме внимателни. Целиот проблем е многу комплициран, а најмногу сите одлуки за разлабавување на некакви рестрикции, нè водат од страста. Јас повеќе би го комбинирала оптимизмот со желбата, ама и со песимистичките проценки. Видете што се случи со египетскиот музеј во Торино. После три месеци беше отворен, дојдоа 1.300 луѓе и го затворија. Такви отвори-затвори работи се бескорисни. Подобро да одиме чекор по чекор, отколку да се залетаме. Еден дел од состанокот ќе биде посветен на анти-Ковид19 мерки...“, вели Евелин за италијанските медиуми.

Оваа изјава делува депримирачки, ама е и тотално спротивна од преоптимистичките најави на првиот човек Александер Чеферин, кој неодамна во низа интервјуа за европските медиуми порача дека фудбалот ќе ја победи короната и дека многу брзо од тоа што сите го очекуваат, ќе се вратат навивачите на трибини. Чеферин годинава двапати се истрча со изјави по кои УЕФА го демантираше, а преоптимистички беше расположен и за одложувањето на Евро 2020 во март на Конгресот, па потоа мораше во Нион да се донесе одлуката за 12-месечно пролонгирање на европскиот шампионат.

Засега фудбал само во малку земји се игра со публика, Унгарија има ригорозни протоколи за седење, во Србија има публика, ама многу големи европски земји најавуваат дека мерките за јавни собири ќе останат на сила, иако Италијанците се надеваат на гледачи на трибините во завршната фаза од доигрувањето на Калчото во средината на јули. Отворањето на стадионите веројатно ќе биде една од суштинските разговори во УЕФА, не само за репрезентативните мечеви, туку и комплетно за новата сезона во европските купови почнувајќи од квалификациите, а најмногу загрижува е најавата од Светската здравствена организација за вториот бран на Ковид-19 од септември, т.е. откако ќе влезе Европа во есенски период.

Според најавите што во последниов период се појавија по европските медиуми, баражите од Лигата на нации кои беа двапати одложени, прво во март, а потоа во јуни, би требало да се играат во ноември, а има една опција полуфиналињата да бидат во октомври, додека финалињата во ноември.