Македонија ќе скокне на ФИФА-листата, ама третиот барабан за СП остана – недостижен!

Македонската фудбалска репрезентација ќе напредува една позиција после пласманот во финалето во баражот за ЕП догодина и двете ремија месецов во Лигата на нации, па на октомвриската листа која Светската фудбалска федерација (ФИФА) ќе ја објави во среда, црвено-жолтите ќе се најдат на – 65-то место.

Според специјализираните страници, Македонија со нови пет освоени рејтинг-бодови ќе напредува една позиција и ќе има 1.356 поени за 65-та позиција на ФИФА-листата, само два повеќе од соседна Бугарија која после ужасните настапи ќе биде селекција со најголем пад на листата и ќе дотурка на 66-то место, шест подолу од септемвриското рангирање.

Но, овој мал скок на Македонија, се должи најмногу на ремијата со Естонија (3-3) и Грузија (1-1), поради кои практично за црвено-жолтите останува недостижен обидот да дотуркаат до третиот барабан за мундијалската ждрепка, па сега не постои ниту еден отсто шанси да се најдеме таму, зашто преголема е разликата од најслабите во третиот барабан Грција и БиХ и нашиот пласман во четвртиот, од кој веќе сигурно е дека ќе стартуваме на ждрепката.

За Македонија да се надеваше за скок во третиот барабан, требаше Македонија да ги победи двата ривали во Лигата на нации месецов, ама наместо тоа се спасуваше од пораз во завршницата од мечевите и сега со три меча во ноември, невозможно е Македонија да надополни повеќе од 50 рејтинг поени за да ја стигне Грција или БиХ, кои засега се најслаби по рејтинг од третиот барабан.

За ждрепката која би требало да се одржи на крајот на ноември или почетокот на декември, шесте барабани ќе бидат формирани врз база на ноемвриското рангирање после завршувањето на баражите и последните два меча од оваа сезона во групите во Лигата на нациите. Секој барабан ќе биде составен од по десет екипи, а само последниот ќе има пет со тоа што финалистите од А-дивизијата во Лига на нации ќе бидат сместени токму во тие групи со по пет селекции. Ова значи дека Македонија на ждрепката нема да може да игра со Словенија, Црна Гора, Бугарија, Албанија, Грузија, Израел, Белорусија, а засега е неизвесно дали ќе ја избегне Финска која има шанси за да влезе во третиот барабан, односно Луксембург кој може да испадне во петтиот, иако шансите за такво нешто се теоретски.

Најмногу неизвесности околу барабаните има за формирањето на вториот и третиот, па ноемвриските мечеви ќе решаваат која селекција во кој барабан ќе влезе од вториот и третиот ешалон на наши противници, додека веќе извесни се противниците од најслабите два. На ранг-листата,

Македонија од групата во Лигата на нации останува најдобро пласирана пред Грузија која ќе напредува за три позиции и ќе биде 86-та, Ерменија ќе остане на 101-то место, додека Естонија и со две ремија против „фаворити“ ќе назадува за едно место на 109-та позиција.

Промени на врвот кај најдобрите пет нема, Белгија останува пред Франција, Бразил, Англија и Португалија, а сега Шпанија ќе е шеста, пред Уругвај (пад за едно место), Аргентина (скок за едно место), Хрватска (пад за едно место) и Колумбија, од десетте најдобри селекции на светот.