Младата македонска фудбалска репрезентација го запиша првиот пораз во овие евроквалификации за пласман на ЕП 2021 во Словенија и Унгарија, откако избраниците на Благоја Милевски загубија од европскиот првак Шпанија со 0-3 во Алкоркон во четвртиот меч од овој циклус.

Апсолутниот фаворит Шпанија, која летово се круниса за младински фудбалски владетел на Стариот континент сурово ги искористи грешките на македонските надежи, па со два брзи гола на стартот на двете полувремиња си ја обезбеди победата и во финишот само додаде уште еден за убедлива победа за максимален ефект со четири победи од исто толку мечеви, за разлика од Макеоднија која по четири кола има седум бода.

Иако имавме желби за изненадување, црвено-жолтите денеска фудбалски немаше на што да се надеваат дека може да останат непоразени на мечот, зашто Шпанија со тоталната доминација си ја заслужи победата.

Ману Гарсија по шест минути игра се прошета низ нашата одрана за да го отвори мечот, од наизглед безопасна акција на „црвената фурија“, но ја искористи заспаноста за да мине двајца и потоа лесно да влезе во шеснаесетникот да реализира.

Само што почна вториот дел, после само една минута победата беше обезбедена за Шпанците, откако Никола Серафимов си постигна автогол, по еден центаршут и лошата реакција на неговиот партнер во дефанзивата Агрон Руфати. Гонзало Вилјар на четири минути пред крајот постигна и трет гол за да ја завери убедливата победа со волеј по центаршутот на Серхио Гомез. 

Шпанците вечерва одиграа како што се очекува од нив, доминантни во поседот, постојано играа пресинг за да нè натераат по две-три додавања брзо да им ја дадеме топката во нозе, па Македонија и не доби шанса да се бори за бод. Иако игравме со офанзивна формација, со 4-3-3, Шпанија ги натера нашите напаѓачи да бидат прв бедем на одбраната напикани во својата половина, па практично сè беше залудно, зашто имавме едвај еден директен шут во голот на домаќинот и тоа во самата завршница од мечот.

Само во првата половона од првиот дел, Милан Ристовски се најде во шанса по која беше изблокиран, а Јани Атанасов биеше над голот. Сè друго беше во знакот на Шпанија, која тотално доминираше и постојано го напаѓаше нашиот гол, а голманот Јанков успеа да спаси неколку чисти шанси за да не доживееме ѝ дебакл на овој меч

Надежите во вторник од 18 часот имаат шанса да се вратат на победничкиот колосек и да останат во трка за Евро 2021, без оглед на денешниот пораз, но ќе мора да ги освојат бодовите со Фарски Острови на гости, селекцијата која во Скопје ја распарчивме со 7-1.

Шпанија, како прв фаворит во групата, гостува кај Израел, селекцијата која веројатно ќе биде нашиот најголем ривал за второто место во групата.