Лидс и Леванте го прославија бодот на Македонија во Љубљана (ФОТО)

На ремито на Македонија на „Стожице“ во Љубљана синоќа против Словенија не се израдува цела македонска јавност, туку се радуваа и Англичани и Шпанци. Барем тие што навиваат за Лидс односно Леванте, откако двоезот Езџан Алиоски и Енис Барди беа творците на погодокот кој го обезбеди ремито 1-1.

Алиоски беше асистент, па на голот против Летонија сега додаде и асистенција во овие први две кола од евроквалификациите, доволно за да им го разубави овој слободен период на навивачите на англискиот тим, пред да се врати на клупските обврски. И Англичаните и понатаму се во чудо, како Алиоски едноставно „не запира со трчање“ во текот на мечот.

Асистенцијата на популарниот Џани нормално ја прослави Лидс на социјалните мрежи, а навивачите се надеваат дека формата која е врвна во последно време на македонскиот репрезентативец ќе им донесе радост до крајот на сезоната и Лидс по 15 години пауза ќе се врати во Премиерлигата.

Славеа и Шпанците, барем тие што навиваат за Леванте. После подолго време Барди постигнува гол, последен пат погоди на 19 ноември за Македонија против Гибралтар во Лигата на нации. За Леванте нема дадено гол од 6 октомври лани, па сега и тие, а и во клубот се надеваат дека конечно ќе го прекине постот. Во овој период, Барди многупати немаше среќа, неколкупати ја погодуваше пречката или дирекот. Леванте на својот твитер-профил еднакво го прослави голот, како Барди да погоди во Ла Лига.