Лев го враќа искусното трио на Баерн за квалификациите за СП и мечот со Македонија

Германскиот селектор Јоаким Лев ќе го врати искусното баерново трио Томас Милер, Матс Хумелс и Џером Боатенг за стартот на мундијалските квалификации кои на „елфот“ треба да му бидат и еден вид дополнителна подготовка за Европското првенство летово низ Европа.

Селекторот на Германија тргна да гради нова селекција и да ја изврши смената на генерациите па за Лигата на нации не ги користеше Милер, Хумелс и Боатенг, по што „панцерите“ не одиграа на нивото, па уште беа и понижени од Шпанија со 0-3. Ова баерново трио беше дел од Германија, која во 2014 година стана светски првак во Бразил.

Лев посочува дека пандемијата со коронавирус направи проблем и „им украде“ една година од планираната транцизија, па сега таа смена на генерации веројатно ќе биде ставена на пауза и после Евро 2021 би требало да се продолжи со истата.

„Кога ќе почнете една транзиција (смена на генерации – н.з.) не се повлекувате, ниту гледате назад, а уште помалку се враќате во рикверц. Но, пандемијата ни 'украде' една година и сѐ повеќе мислам дека таа транзиција треба да ја ставиме на пауза, особено зашто не е така неопходна моментно. Јас сум на мислење дека ни треба дополнителен процент на играчи кои ќе донесат уште повеќе енергија (Милер, Хумелс, Боатенг – н.з.). Тие многу лесно ќе се интегрираат во оваа група, зашто многу добро знаат како функционира националниот тим“, вели Лев.

Германија со Македонија ќе игра на 31 март во Дуизбург во третото коло од стартот на квалификациите, а претходни ги очекува пресметка со Исланд и со Романија, два големи конкуренти на црвено-жолтите за тоа второ место во групата, кое води во баражот, бидејќи четирикратниот светски првак е апсолутен фаворит за првото место и директен пласман на СП.