Кристијан Ериксен ја одигра партијата на кариерата и ја однесе Данска на Мундијал! (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Данска е последниот патник од Европа кој ќе учествува на Светското првенство во Русија идното лето, откако вечерва ја прегази селекцијата на Ирска со 5-1 на гостински терен.

По ремито без голови од првиот дуел, вечерва сѐ беше отворено и повеќе шанси им се даваа на домашните фудбалери, пред сѐ поради предноста од домашниот терен, но не мислеше така и Кристијан Ериксен.

Феноменалниот играч за врска блескаше на вечерашниот дуел и со трите постигнати гола практично сам ја реши селекцијата на Ирска, која одлично го отвори натпреварот и поведе уште во шестата минута со голот на Дафи.

Гостите брзо ги консолидираа своите редови и во 29-та минута Кристенсен изедначи на 1-1, а од 32-та на сцена стапи Ериксен. Фудбалерот на Тотнем тука ја започна својата гол серија, ја продолжи во 63-та минута, а точка на блескавата партија стави во 74-та минута. Конечниот исход на средбата го постави Никлас Бендтнер со гол од белата точка во судиското продолжение од натпреварот.

Така Данска славеше со убедливи 5-1 и по пауза од осум години се враќа на големите светски собири.