Костадинов: Пандев во Тбилиси одржа говор кој нѐ расплака сите!

Македонскиот репрезентативец Тихомир Костадинов го напушти Ружомберок по пет години и се пресели во Пјаст Гливице од Полска, со кој потпиша три ипол годишен договор, а притоа за медиумите зборуваше за неговото искуство на Евро 2020.

Костадинов во интервју за полските медиуми кажа дека настапот со Македонија на Европското првенство (ЕП) за него е неверојатно искуство.

„Тоа беше неверојатно. Ние сме мала земја во споредба со останатите европски држави. Ни беше чест и горди сме што успеавме да постигнеме такво нешто со Македонија. Имавме добар состав и заслуживме место меѓу најдобрите“, кажа Костадинов.

Македонскиот фудбалер откри и што се случувало пред решавачкиот меч во Тбилиси против Грузија, по кој Македонија го обезбеди настапот на ЕП.

„Пандев имаше емотивен говор. Ни кажа дека би се откажал од сите медали само за да оди со Македнија на Евро 2020. Зборуваше околу пет минути, а потоа забележав дека 17-18 соиграчи почнале да плачат. Излеговме на теренот и беше невозможно да го загубиме натпреварот“, открива талентираниот фудбалер.

Костадинов зборуваше и за шансите да се пласираат на Светското првенство (СП) во Катар, но знае дека тоа нема да биде лесно.

„Мора да играме против Италија во Палермо, но... Можеме да ги исплашиме. Ова е фудбал, имаме одлични поединци во екипата, па зошто да не ги изненадиме? Знаеме дека тие се фаворити, но јас верувам во чуда, па можеби едно такво ќе ни се случи и на нас“, вели Костадинов.