Косово убедено дека ФФМ ќе им даде повеќе билети за мартовскиот бараж во Скопје!

Претседателите на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини и на Косовската фудбалска федерација (КФФ) на последниот состанок во „куќата на фудбалот“ прЕд неколку дена разговарале и се договарале како гостите од Косово да добијат повеќе билети за мартовскиот бараж во Лигата на нации за пласман на Евро 2020 од предвидените и задолжителни пет отсто од капацитетот на Националната Арена „Тодор Проески“.

Првиот човек на косовскиот фудбал Адеми за порталот „Зери“ објави дека очекува и е убеден дека Управниот одбор на ФФМ ќе одобри многу повеќе билети од првично предвиденото, зашто на Косово владее вистинска еуфорија и има барања за многу повеќе билети од првично предвидените пет отсто од капацитетот.

„На состанокот со претседателот на ФФМ, Сејдини разговаравме за организациските прашања за мечот во март, а пред сè за делот околу билетите, местото каде ќе бидат сместени нашите навивачи. На нашето барање да добиеме повеќе билети, Сејдини најави дека ќе се разговара за тоа прашање на Управиот одбор на ФФМ, но јас се надевам дека ќе имаме многу повеќе билети од петте отсто што ни следуваат. Убеден сум дека ќе добиеме многу повеќе. Нашите барања се големи и сакаме да добиеме што е можно повеќе влезници“, објавил Адеми за „Зери“.

ФФМ пред два дена објави за координативниот состанок на раководствата на двете федерации во пресрет на мартовскиот бараж, по што во македонската федерација веќе е избрано координативното тело кое ќе треба да се погрижи за сите детали во кое се првиот човек Сејдини, неговиот потпретседател Лазар Ракиџиев и членот на УО, Борче Лазаревски.

ФФМ наскоро се очекува да ги обелодени сите детали од начинот на купување на влезници за историскиот меч, нивната цена, како и детали околу самата организација на пресметката на патот кон историски пласман на Евро 2020.