Колумбиецот Херера ќе дебитира за Македонија во март: Ми мириса дека ќе ме викнат!

Колумбиецот Себастијан Херера е едно од можните изненадувања на списокот на македонската фудбалска репрезентација за мартовскиот старт на мундијалските квалификации, откако поранешниот фудбалер на Работнички за унгарските медиуми ја најави оваа можност.

Херера во 2015 година дојде во Работнички од колумбиска Переира и после точно пет години, лани во јули си замина во унгарски МТК, каде извонредно игра младинскиот репрезентативен напаѓач Бојан Миовски (седум гола сезонава). Колумбиецот кој веќе има македонско државјанство, а и потребните пет години настап во Македонија за да може да заигра за националниот тим е можно решение на левата бековска позиција во ситуација кога не се знае кој сѐ од стандардниот состав би бил на располагање за мечевите идниот месец.

„Неодамна го добив македонското државјанство, па во принцип, повеќе нема пречка да играм за националниот тим на Македонија. Не сакам сега да зборувам нешто предвреме, ама ми мириса дека ќе бидам повикан за мартовските мечеви. И навистина посакувам такво нешто. Ако е само до мене – со една нога ќе отидам за Скопје“, вели Херера за унгарските медиуми.

Херера е лев бек кого добро го знае селекторот Игор Ангеловски уште од периодот кога беше тренер на Работнички, пред да седне на клупата на националниот тим неколку месеци подоцна по доаѓањето на Колумбиецот во Македонија. Ангеловски во изминативе неколку години на левата бековска позиција го имаше незаменливиот Езџјан Алиоски, а и Кире Ристевски, но во ноември се доведе во ситуација на таа позиција да нема решение, па истата да ја покрие десниот бек Стефан Ристовски.

Поради пандемијата со коронавирус, рестрикциите моментно низ Европа, ама и фактот дека ФИФА ги ослободи клубовите од задолжителното пуштање на играчите за националниот тим, нема да биде изненадување ако Херера се појави на списокот на Ангеловски, најмногу и поради тоа што крајно неизвесно е дали Алиоски би можел да дојде.

Селекторот Ангеловски после тренинг-кампот изминатава недела најави најверојатно дека за мартовските мечеви можно е да повика и до 26 фудбалери.

„Мора да сме спремни на секакви сценарија, зашто не знаеме на кого сѐ би можеле да сметаме поради правилото на ФИФА, рестрикциите, целата пандемија со коронавирус. Можно е да има повеќе фудбалери на списокот од стандардните 23, но секако тоа би било две-три имиња плус, зашто прво нѐ чекаат три меча, а второ мора да имаме опции во случај на целата оваа ситуација, евентуални повреди, суспензии...“, рече Ангеловски после кампот.