„Ќе заплачев поради Пандев, тој е македонскиот - Јохан Кројф!“

Легендараниот холандски фудбалер Рафаел Ван дер Варт изјави дека за малку ќе се расплакал во моментот кога Горан Пандев го напуштал стадионот во Амстердам, со оглед што тоа беше негов последен настап во националниот дрес, а можеби и во кариерата.

Холанѓаните достојно го испратија македонскиот капитен, кој пред средбата доби дрес на подарок, а на крајот и громогласен аплауз од сите присутни, меѓу кои беа и повеќе холандски легенди како Весли Снајдер и Ван дер Варт, кој нашиот великан го спореди со Јохан Кројф.

„Исклучително го почитувам Пандев, па тој е како Јохан Кројф за Македонија. Мислам дека направивме одличен гест, на одличен начин тој се прости од својата селекција. Атмосферата и мене ми предизвика емоции, малку фалеше да пуштам солзи. Прекрасно е кога големите играчи како Пандев се испраќаат на тој начин“, изјави Рафаел ван дер Варт.