Кек: Вие гледајте ја табелата, јас гледам кон Скопје – сега е полесно за работа!

Словенија успеа да го победи Израел со 3-2 во спектакуларниот меч од нашата квалификациска група со што моментно по шест рунди го освои второто место во групата со 11 бода, еден пред Австрија, а три пред Македонија во пресрет на октомвриското гостување во Скопје точно за еден месец.

Првиот голем испит за Македонија во трката за првите две места, ама и за Словенија за задржувањето на втората позиција ќе биде токму меѓусебната пресметка на поранешните братски југословенски републики на Националната Арена „Тодор Проески“ на 10 октомври. И додека Словенците уживаат во погледот на табелата, селекторот Матијаж Кек не се ни израдува докрај зашто мислите му се само во Скопје.

„Вие може да си ја гледате табелата, јас гледам накај Скопје. Сега не сум заинтересиран да гледам во табелата, зашто оваа група се покажа дека е непредвидлива и сега сме во ситуација каде сами решаваме. А, вечерва тоа што го видов е дека колку притисокот е поголем, колку очекувањата се поголеми, толку повеќе нозете треперат. Не е лесно во таква ситуација. Тоа што долго време го чекавме од оваа селекција, одлучноста, сега се појави“, вели Кек.

Словенија ѝ гостува на Македонија во седмата рунда, а потоа е домаќин на Австрија, меч кој исто така многу ќе решава за пласманот во групата, сооглед дека Македонија во тоа осмо коло оди во Варшава кај Полска.

„Сега е многу полесна подготовката за тие два меча. Полесно е во ваква атмосфара, после две големи победи (Словенија прво ја победи Полска со 2-0, па сега Израел со 3-2 – н.з.). Поситивната атмосфера сама по себе сега носи и поголеми очекувања, но веднаш да разјасниме – ако некој помислил дека нешто сме направиле се лаже. Ништо немаме направено. Ние докажавме многу работи, ама групата е комплицирана. Има многу позитивни работи од овие мечеви, ама од синоќа, сигурно не е дека ни паѓа концентрацијата“, додава Кек.

Полска со 13 бода е лидер во групата пред пресметките со Летонија и Македонија во Австрија. Словенија пред двата клучни меча има 11, Австрија има 10 со октомвриски дуели против Израел и Словенија, а следат Макеоднија и Израел со по 8. Фенерџијата Летонија е без бодови и до крајот изненадување од нив ќе значи крај на амбициите на некоја селекција од ривалите на Македонија за пласман на Евро 2020.