„Ја избрав Македонија пред Романија, а сега чекам Пандев да ме земе во Џенова!“

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Бобан Николов, синоќа му беше гостин на колегата од националниот тим, Илија Несторовски, со кого разговараа во живо преку социјалните мрежи на најразлични теми поврзани со фудбалот, но и со нивниот приватен живот.

Во „интервјуто“, Николов откри дека двапати ја одбил поканата да игра за Романија, односно ја избрал Македонија пред настапот за оваа држава, со која ќе имаше поголеми шанси за појавување на големите натпреварувања.

„Уште од најрани фудбалски години бев дел од Академијата на Хаџи, па поради тоа често добовав покани да играм за романската репрезентација, од кои двапати беа ептен убедливи. За тоа, сепак, воопшто и не размислував, зашто единствената моја желба беше дресот на македонската национална селекција“, објасни фудбалерот на унгарски Мол Види.

Тој нешто подоцна се пошегува и за местото каде што би ја продолжил кариерата.

„Чекам Пандев да ми заврши работа во Џенова, каде што нема кој да му асистира“, заврши Николов, дополнувајќи дека веќе почнал да учи италијански јазик.