Голем проблем за Ангеловски по потврдата од Риека: Велковски го чека (по)долга пауза!

Македонската фудбалска репрезентација остана без својот стандарден стопер Дарко Велковски за претсотјните два клучни квалификациски мечеви идниот месец со Словенија (10 октомври) во Скопје и со Полска (13 октомври) во Варшава, откако тренерот на Риека, Игор Бишчан попладнево објави дека бившиот фудбалер на Работнички и Вардар го чека подолга пауза.

Велковски се повреди изминатиот викенд за време на „јадранското дерби“ Риека – Хајдук (1-1) и тоа после неполни 20 минути, а повторно настрада неговиот бутен мускул поради кој имаше многу проблеми и во минатата сезона. Хрватските медиуми објавија дека Велковски петти пат ја повредува ложата откако како слободен играч ланското лето дојде во Риека.

„Велковски го чека подолга пауза. Му 'отиде' ложата. Првите прогноси се во најдобра варијанта пауза од еден месец, ама може и подолго - месец ипол. Има посериозна повреда на задната ложа“, објави Бишчан на прес-конференција.

Сооглед дека станува збор за проблематична повреда, Велковски кој експресно ќе ја започне рехабилитацијата виси и за ноемвриските мечеви со Израел дома и Австрија на гости, па ако се суди според зборовите на Бишчан, прашање е дали би бил комплетно подготвен за тие завршни два меча од евроквалификациите.

Поради ова, селекторот Игор Ангеловски сега е на мака да најде нов стопер, зашто за претстојните два меча останува со Егзон Бејтулаи, Висар Муслиу и Кире Ристевски во централната дефанзива, а останува и нејасно дали Стефан Ристовски, кој ги пропушти дуелите со Израел и Летонија овој месец поради повреда ќе биде фит за да се стави на располагање, зашто последните информации од Португалија беа дека тој на почетокот на идниот месец би требало да се врати во полн ритам на тренинзите на Спортинг Лисабон.