„Ги победивме Македонија и Австрија, тие играат Европско кај нас, а ние – гледаме“

Македонија дебитира на Европското првенство, вистинска инвазија има на македонски навивачи, па Букурешт пулсира со македонска песна веќе четири дена, воодушевувајќи ги Романците од начинот на забава на нашите навивачи, но фудбалски домаќините не може да си простат што се домаќини на ова необично Еуро 2020, а на него не учествуваат.

Романија не успеа да обезбеди учество на овој шампионат, иако имаше шанса преку баражот во Лигата на нации, но испадна уште во полуфиналето од Исланд, за разлика од Македонија која својата шанса си ја искористи и стигна до историски прв настап.

Јан Владиу е поранешен репрезентативец на Романија, кој гледајќи го Евро 2020, не може да се помири со фактот дека Романија не е дел од големиот турнир, посебно што за оваа земја е историски – домаќини се меѓу 11-те градови низ Европа на конетиненталниот шампионат.

„Ова е многу фрустрирачки. Ние сме домаќини на Еуро 2020, а не играме. Јас сум дел и од федерацијата вклучен во организацискиот одбор, потрошени се многу пари, но не уживаме. Видете, ние ја победивме Македонија, ја победивме и Австрија, а за жал, овие две селекции играат на Еуро, а ние ги гледаме и тоа на наш терен. Жално е сето ова, жално е посебно за оваа талентирана генерација, но се надевам дека сето ова ќе биде мотив повеќе да се изгради уште посилна група“, вели Владиу.

Македонија и Романија се соочија во март во мундијалските квалификации на отворањето, кога во Букурешт загубивме со 2-3 во трилер-меч, по што ги победивме Лихтенштајн со 5-0 и Германија со 2-1, па во септември кога продолжуваат квалификациите ги чекаме Романците на домашен терен во битка најмалку за второто место кое води во баражот за СП во Катар догодина.