Футсалците сериозно ослабени, ама не се предаваат: Ќе дадеме сè за добар резултат со Словенија

Македонската фудбалска репрезентација за два дена ги започнува мундијалските претквалификации за пласман на СП 2020 година со турнирот во Скопје на кој црвено-жолтите ќе бидат сериозно ослабени за двајца репрезентативци, но селекторот Иван Божовиќ се надева на добар настап и битката за второто место во групата.

Даниел Де Соуса и Драган Петровиќ се повредени, а соогле ддека се исклучително важни за нашиот тим, на селекторот Божовиќ и тоа како му задаваат главоболки во пресрет на стартот на овој претквалификациски турнир. Македонија е домаќин на фаворитот во групата Украина, потоа на Словенија и Косово, а мечевите ги стартува в четврток со пресметка со Словенците во СЦ „Јане Сандански“ од 17.30 часот. Ден подоцна Македонија игра со Косово во ист термин, а последниот меч од 17.30 часот е во недела против фаворитот Украина.

„Не можеме да сметаме на Де Соуса и Петровиќ, што е сериозен удар за нашите шанси за силно да им се спротивставиме на противниците во групата, особено на мечот со Словенија во трката за второто место. Во ситуација кога без овие двајца, а имаме и уште двајца кои се недоволно закрепнати како Исмаили и Рамадан, Словенија е фаворит на мечот, но сето тоа не значи дека однапред се предаваме. Украина е прв фаворит и изненадување би било ако тоа не го потврдат на теренот“, вели Божовиќ.

Селекторот потенцира дека очекува и покрај големите проблеми, останатите да го дадат максимумот и да успеат резултатски добро да го почнат турнирот, а на крај и да стигнат до посакуваната цел.

„Сите што ќе играат мора да дадат и повеќе од своите можности за да стигнеме до поволен резултат. Се подготвуваме максимално, а на терен ќе дадеме сè и се надеваме на добри мечеви и резултати“, додава Божовиќ.