Фудбалерките дознаа кога пак ќе истрчаат на терен – рестартот со Франција во Скопје!

Европската фудбалска унија (УЕФА) го одложи женското Европско првенство за 2022 година после пандемијата со коронавирус, по која одложувањето на Евро 2020 за една година, неминовно значеше поместување и на женското ЕП за 12 месеци.

Бидејќи сите фудбалски активности се прекинаа во март, а репрезентативни настани нема до септември, УЕФА веќе го направи распоредот за женските квалификации и го вметна декември како дополнителен термин за да се заврши со овој циклус за Евро 2022. Женската селекција во оваа пост-корона ера засега има три закажани мечеви, по еден од септември до ноември. Додека останатите го чекаат фамозниот 17 јуни за да го дознаат новиот фудбалски распоред за оваа, но и за новата сезона, календарот кај дамите веќе е изготвен.

Според новиот распоред, кој веќе е апдејтиран на интернет-страницата на европската централа, Македонија првиот меч во пост-корона ерата ќе го одигра со најголемиот фаворит во групата, Франција, која ќе гостува во Скопје на 22 септември (точната саатница дополнително ќе се утврди), шест дена откако ќе се одигра првиот меч од женските квалификации во овој септемвриски „прозорец“.

После мечот со „триколорките“, следи реванш во Франција со истиот противник и тоа на 23 октомври, додека во ноември ќе гостуваме во Казахстан (27 ноември). Овие се трите преостанати мечеви од нашата група, во која по пет меча сме претпоследни со една победа и три бода (од победата над Казахстан) и четири порази.

Претходниот распоред поради пандемијата ги пролонгираше априлскиот и јунскиот термин, а квалификациите требаше да завршат до 22 септември и потоа да се играат баражите во октомври, но сега УЕФА мораше сè да презакаже дури до декември за да се завршат евроквалификациите.