Фудбалерките добија петарда во Црна Гора на тест мечот

Женската фудбалска репрезентација доби петарда од Црна Гора на денешниот тест меч во Подгорица, а само пола час им требаа на противничките да ни ја наполнат мрежата, па прашањето за победникот да не биде доведено во прашање.

Црна Гора до 35-та минута ни даде четири гола, па застана во вториот дел кога само еднаш ја погоди нашата мрежа, за дури и овој пораз да биде и проифатлив во однос на тоа што ни се закануваше после првиот дел да доживееме тотален дебакл на пријателскиот меч.

Црногорките до 15-та минута веќе ни дадоа три гола, па во 35-та погодија уште еднаш, а на 17 минути пред крајот го постигнаа и петтиот гол на мечот за убедлив триумф против избраничките на селекторот Кирил Изов, кој ги имаше на располагање сите расположливи сили за оваа контролка.

Женската репрезентација во минатиот циклус на квалификации во кои доживеа убедливи порази од Франција и Србија, еден двоцифрен од Французинките (0-12), заврши со шест бода како претпоследна во групата со двата триумфи против Казахстан (4-1, 3-0).