ФИФА смисли план за репрезентациите: Македонија ќе игра осум меча во еден месец?!

Светската фудбалска федерација (ФИФА) смислила радикален план како да се доиграат откажаните репрезентативни мечеви поради пандемијата со коронавирус, но и претстојните во есенскиот дел, кога прашање е дали би можеле да се одиграат во редовниот термин поради набиениот календар, па сега има предлог сето тоа да се одигра во еден месец – вкупно осум меча. Вакво нешто најавија англиски медиуми повикувајќи се на извори од светската централа.

Поради пандемијата, Македонија не ги одигра мечевите од баражот за пласман на Евро 2020 со Косово во Скопје, кој двапати беше одложуван, прво во март, па во јуни, а од септември до ноември треба да ја игра втората сезона од Лигата на нации во Ц-дивизијата. Бидејќи сезоната за националните првенства сега ќе се пролонгира, а дел од лигите можно е од почетокот на септември да прават пауза, се доведува во прашање стартот на Лигата на нации.

И поради тоа, ФИФА смислила сите претстојни, но и откажани мечеви (за дел од селекциите и претходно закажани пријателски мечеви) да се одиграат во еден месец. Македонија најмалку би играла седум, а најмногу според посакувано сценарио осум меча, ако вакво нешто се усвои. Терминот би бил ноември-декември.

Засега прашање е дали УЕФА би се согласила на вакво нешто, но ФИФА во расмислувањата посочува дека ноември-декември би бил идеален месец за „клубовите да одморат“, иако поголем дел од фудбалерите повторно би биле оптоварени со дополнителни мечеви. Ако се усвои вакво нешто, практично осум меча во еден месец се повеќе од настап на едно Светско првенство (таму се играат седум меча).
Гледано од македонска перспектива, Македонија во таков термин би го одиграла мечот со Косово во полуфиналето од пејофот во Скопје, па ако победи би гостувала во Грузија или Белорусија за визата за Евро 2020, а потоа би имала уште шест меча во Лига на нации и втортаа сезона со по три домашни и гостински мечеви против Грузија, Ерменија и Естонија.

Дали е возможно вакво нешто е големо прашање, но во ек на пандемијата додека се разработуваат сите можни сценарија за продолжување на актуелната сезона, како и за старт на новата, секојдневно низ европските медиуми излегуваат еден куп опции за продолжување на фудбалот во Европа и светот.

Тоа што е најавено, Лигата на нации нема да се укине или одложи, како што се шпекулираше а веќе едно сценарио пред ова се појави пред некој ден, со три меча во еден циклус (еден месец), наместо два како што првично беше предвидено.

Што и како ќе се случува останува УЕФА да одлучи на Извршниот конитет закажан за 27 мај, кога веројатно ќе го претстави сиот календар за сите нтпреварувања (и во младинска конкуренција), како за актуелната сезона, така и за новата.