ФФМ ќе формира специјална комисија за да преговара со селекторот за нов договор?!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ќе формирала „специјална комисија“ на претстојна седница на Управниот одбор (УО) и таа комисија ќе го имала мандатот да преговара и разговара со сѐ уште актуелниот селектор Игор Ангеловски за евентуално продолжување на соработката после историскиот успех и пласманот на Европското првенство догодина.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Иако изминуваат две недели од незаборавната ноќ во Тбилиси кога Македонија за првпат во својата историја обезбеди пласман на континенталниот шампионат, очигледно е дека продолжува „тактизирањето“ околу селекторското место, зашто на Игор Ангеловски на крајот на годинава му истекува договорот.

Според информациите до кои дојде „Спорт 1“ и кои се безмалку изненадувачки, ФФМ на претстојниот свој состанок на УО до крајот на неделава (најверојатно во петок), нема експресно да ја продолжи соработката со Ангеловски, како логична одлука после пласманот на ЕП, туку ќе била формирана комисија која би требала да разговара за евентуално таква соработка.

Кога ФФМ на 31 мај лани му го продолжи договорот на Ангеловски до декември годинава, не беа формирани никакви комисии, туку раководството во тој момент процени дека треба да се продолжи континуитетот во битката за пласман на едно големо натпреварување, но сега откако тој историски успех е остварен, ФФМ (ќе) „измислува“ комисија, која вообичаено се формира при избор на нов селектор (не само во Македонија, туку и низ Европа).

Ангеловски неодамна објави дека досега никој не го исконтактирал во овој скоро двонеделен период за да продолжи со работа како селектор на Македонија.

„Јас мојата работа ја завршив, но засега никој се нема јавено за нова соработка. Мојот договор истекува на крајот на годинава и сите знаат дека сакам да ја предводам репрезентацијата на ЕП. Но, на друг е (ФФМ – н.з.) да го направи тој чекор“, рече пред неколку дена Ангеловски.

Ваквиот потег на ФФМ со формирање на посебна комисија на УО уште повеќе ја отвора дилемата и за можна селекторска смена и црвено-жолтите во мундијалскиот циклус и на дебито на ЕП да ги предводи некој друг кормилар. Дека сето ова води кон нов циркус, се и информациите од извори во куќата на фудбалот, дека актуелниот селектор веќе ја испразнил својата канцеларија, бидејќи веќе нема обврски во ФФМ после завршувањето на овој ноемвриски циклус на мечеви, што е сигнал дека постои и голема можност да не биде кормилар на националниот тим од јануари.

„Спорт 1“ веќе објави дека веќе цела една година односите на релација селекор – раководство на ФФМ се крајно затегнати и дека првиот обид за смена на Ангеловски со напишан отказ лани во ноември не успеал, откако Македонија го победи Израел за првпат да заврши како третопласирана во едни квалификации.

Македонија со пласманот на Евро 2021 обезбеди 9,25 милиони евра премија од УЕФА, од кои една третина ќе одат како награда за фудбалерите и стручниот штаб за историскиот успех, а остатокот УЕФА најавува сериозни инфраструктурни инвестиции. Македонија на Евро 2021 ќе дебитира на 13 јуни догодина во Букурешт на мечот со Австрија (18 часот), а во романската престолнина ќе одигра уште еден меч со Украина на 17 јуни (15 часот), додека последниот меч во групата е во Амстердам против Холандија на 21 јуни (18 часот).