ФФМ ги одреди цените за историскиот меч со Косово

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешниот состанок на Управниот одбор на најмоќната спортска организација донела одлука цените на билетите за историскиот полуфинален бараж со Косово на 26 март во Скопје да чинат од 300 до 400 денари.

ФФМ реши за двојно да ја зголеми цената на влезниците во однос на тоа што во изминатата година се продаваа за мечевите на националниот тим, но цените и не се толку скапи за пресметката која е обележана како историска и од резултатски аспект, ама и од безбедносен.

УО на ФФМ на денешниот состанок донела одлука за цената на влезниците, но не објави детали од начинот на продажба, па само во одлуките кои ги објави на својата интернет-страница посочи дека ќе обезбеди влезници за навивачите на македонската селекција за западната трибина на Арената „Тодор Проески“, на која ќе бидат сместени сите навивачки групи од земјава, после обединувањето во Тетово, по што заеднички објавија дека се обединуваат за оваа историска пресметка во која Македонија ќе брка виза за Евро 2020. Се очекува навивачите на плоштадот „Македонија“ да се соберат од 17 часот и оттаму во кортео да тргнат кон стадионот за мечот кој е закажан за 20.45 часот.

Инаку, УО на ФФМ донесе одлука и цената на влезниците за мечот на младинската селекција против Израел, кој е исто така клучен во трката за второто место во квалификациската група за Евро 2021 да е по цена од 50 денари, а мечот се игра на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во комплексот куќа на фудбалот.