Двократниот македонски селектор Канатларовски, ФФМ го пресели во „најнизок ранг“!

Поранешната фудбалска легенда и во два наврати селектор на најдобриот национален тим, Драги Канатларовски, повторно се враќа на репрезентативниот фудбал, откако денеска од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) објавија дека е назначен за „селектор во младинските категории“.

Засега е нејасно зошто луѓето од Куќата на фудбалот не сакаа да откријат на која возрасна категорија ќе биде предводник човекот со големо интернационално искуство како играч, а кој покрај тоа што беше тренер на тимови како Вардар, Победа и Беласица работеше и како стратег во екипи од Бугарија, Србија, БиХ и Црна Гора.

„После 12 години се враќам во македонскиот фудбал. Сите кои ме познаваат знаат дека јас сум во фудбалот поради фудбалот, а не заради функциите. Да бидам селектор во младински категории е предизвик и за мене да се потрудиме да постигнеме повисоко ниво на работа со младите категории”, изјави Канатларовски.

Неофицијално, според нашите информации, тој ќе биде селектор на репрезентацијата за фудбалери до 15 години и тоа на местото на Неџат Шабани.