Димитриевски: Не дојдовме на Еуро 2020 само за да собираме искуство!

Првиот голман на македонската фудбалска репрезентација Столе Димитриевски посочи дека Македонија не е дојдена на Европско првенство само колку да учествува, а треба да се искористи еуфоријата во позитивна смисла за да се направи ново изненадување во европскиот фудбал.

Димитриевски е веќе со години прв избор за голот, а како и сите во македонската селекција посочи дека амбициите на националниот тим е да се помине групата и да се обезбеди осминафинале, но не чувствуваат никаков притисок.

„Максимално сме мотивирани, ама немаме притисок. Секој тој притисок го претвараме во мотивација да дадеме максимуим и да одиграме одличен прв натпревар. Добро ги анализираме противниците, мислам дека имаат доста квалитетни играчи, затоа треба да бидеме подготвени одбраната и јас да реагираме. Имаат играчи како Арнаутовиќ, Алаба имаат доста поединци, шутери, тоа го тренираме на тренинзите, се подготвуваме за да може да најдобро да им парираме на нивните добри страни. Не дојдовме тука само за искуство. Да одиграме најпрво три натпревари, да освојуваме бодови. Реално, го исполнивме сонот. Сега нашиот сон и нашите амбиции да можеме да ја пројдеме групната фаза. Пред се најважно ни е да не го загубиме мечот со Австрија, и да одиме чекор по чекор. Верувам во моите соиграчи и во стручниот штаб“, вели Димитриевски.

Чуварот на мрежата од Рајо Валјекано поточува дека овој меч на Еуро 2020 ќе биде поразличен од двата во евроквалификациите со Австрија, но и во следните два меча, зашто тука има еден меч и нема поправен испит.

„Од двата дуели со нив, во Скопје беше полошо, само што одигравме натпревар со Полска и можеби бевме уморни. По пласманот и претходните натпревари, покажавме дека можеме да добиеме секој. Турнирот е поразличен, сите имаат поголем респект кон нас. Тука е еден натпревар и нема поправна шанса, ова е ЕП и ќе играме до крај да извлечеме добар резултат. Атмосферата е неверојатна, но ние не сме дојдени тука само да го доживееме ЕП. Ние сакаме да бидеме тука подолго, сакаме со победа или нерешени резултати да дојдеме до следната фаза. Го исполнивме сонот да заиграме на едно ЕП, ама сонот се смени и амбициите се да ја минеме групната фаза. Веруваме во себе, зошто да не го исполниме успехот и минеме понатаму“, додава Димитриевски.