Димитриевски го продолжи договорот со Рајо до 2024 година

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски останува на голот на Рајо Валјекано и во следните четири години. 

Шпанскиот второлигаш денеска објави дека Димитриевски го продолжил договорот до јуни 2024 година. Нашиот голман пристигна во Рајо во летото 2018 година и со своите добри игри на голот се избори за нов договор.

Димитриевски подолго време е во Шпанија, поточно од 2012 кога од Удинезе се пресели во редовите на Кадиз. Потоа бранеше и за Гранада и Гимнастик, а своите најдобри партии дефинитивно ги имаше во дресот на Рајо Валјекано.

Сезонава бранеше на 15 натпревари во Ла Лига2, а за македонската фудбалска репрезентација досега во кариерата настапи на 34 натпревари.