Агенцијата за млади и спорт во соработка со Универзитет ФОН , организираше гостување на еминентниот фудбалски стратег, освојувач на Лига Шампиони, Европско првенство, Светски и Интерконтинентален куп, долгогодишниот водач на Реал Мадрид и шпанската репрезентација, Висенте Дел Боске.

Своите лични искуства, совети и препораки денес пред преполната сала на универзитетот ФОН ги пренесе на фудбалските стручни лица, тренери, спортисти и спортски работници од државава. Тој во својот говор ја откри неговата животна приказна, тајните на неговата кариера, како и клучните правила кон успехот во фудбалот и спортот воопшто.

Не беше лесно да се состави репрезентација од фудбалери на Барселона и Реал Мадрид. Понекогаш имаше надворешни влијанија, но јас секогаш во соблекувалната се водев на принципот - победа, и ништо друго не ме интересираше. Знаете како е во Шпанија, секогаш имало несогласувања на релација Каталонија - Мадрид, но јас барав начин за време на репрезентативните обврски тоа да го тргнам од главите на фудбалерите. Заедништвото во соблекувалната беше клучот за успехот на Шпанија, истакна Дел Боске.

Инаку, Дел Боске со „Фуријата“ беше светски шампион во 2010 година, како и европски во 2012 година, а Шпанија ја предводеше на неколку светски и европски првенство во периодот од 2008 до 2016 година.