„Децата се на Македонија и не се веќе деца - Чурлинов останува во А-тимот“

Еден од најталентираните македонски фудбалери Дарко Чурлинов, членот на германски Штутгарт ќе продолжи да игра за најсилната македонска фудбалска репрезентација, иако беше „камен на сопнување“ во минатото помеѓу доскорешниот селектор Игор Ангеловски и новиот селектор Благоја Милевски.

Милевски инсистираше Чурлинов да биде дел од младата селекција и за новиот евроквалификациски циклус, но сега откако седна на кормилото на А-тимот, младиот фудбалер останува сениорски репрезентативец, после настапите на Еуро 2020.

„Дарко со своите игри во У21 покажа дека е голем потенцијал и квалитет, тој ја надрасна таа генерација и ќе биде приклучен во А-тимот, а на него останува е да се наметне и дали ќе биде конкурентен. Јас верувам во неговиот потенцијал и во него“, рече Милевски на денешната промоција за нов селектор.

Адис Јаховиќ поворно би можел да биде дел од македонската селекција и да се врати во националниот тим, после бурата со бившиот селектор Ангеловски и серијата недоразбирања во кои центарфорот на Гецтепе реши да не игра за Македонија додека популарниот Мрме е на кормилото.

„Имав средба со Адис, како и со поголемиот дел од потенцијалните репрезентативци, а тој изрази желба да се стави на располагање ако е потребно, а за мене тоа е сигнал и импулс, една опција повеќе. Но, сите прво треба да бидат конкуренти во клубовите, а потоа преку настапите во клубовите да се наметнат за повик во националната селекција“, додава Милевски.

Новиот македонски селектор посочи дека македонската фудбалска селекција не е приватен тим, а сека секој што ќе добие повиќ најмногу ќе зависи од натпреварувачката форма. Македонија веќе на крајот на месецов, од 29 август ќе го има првиот собир за септемвриските мечеви со Ерменија и Романија дома и Исланд на гости во периодот од 2 до 8 септември.

„Овие деца не се ни мои, ни на претходникот, туку се деца на Македонија и – веќе не се деца. Не е оваа селекција приватен тим, па кој ќе биде повикан ќе зависи од натпреварувачката форма. Имаме проблеми со фудбалери кои сѐ уште немаат тим, а на сите фудбалери е да играат и да се докажат, да покажат дека се кадарни дека може да играат за оваа селекција“, вели Милевски.