Серијата на порази продолжи за младата македонска фудбалска репрезентација, која попладнево го доживеа и третиот пораз во четвртиот меч во квалификациите за Евро 2019 во Италија, откако Австрија лесно и убедливо ја преслуша новата генерација на Благоја Милевски со 4-0.

Ако шансите за највисок пласман и надежите за нов успех со пласман на ЕП беа минимални по срамот со Гибралтар, сега тие практично да не постојат затоа што новата надежна генерација не е ни одблизу до претходната, која запиша историски успех. Оваа млада селекција е безнадежна, па само деконцентрираноста во одредени моменти на противниците не спасија од срамен пораз и полна мрежа.

Новата надежна генерација тотално е загубена на теренот и во секој сегмент од фудбалската игра потфрла од меч во меч - од почетнички грешки во додавањата, непрецизни проигрувања, до раштиманоста во одбраната, слабата организација во нападот. Денеска на тимот не му помогна ниту македонскиот бисер Елиф Елмас, па Австрија го искористи секој празен простор за да го загрози нашиот гол и прелесно да си ги освои трите бода.

Австрија за 20-на минути ја заврши работата во средината на првото полувреме, кога даде три гола и се почна од Арнел Јакуповиќ кој се прошета до 20 метри од нашиот гол, да постигне прекрасен погодок за водство. Максимилијан Вебер во 26-та го дуплираше водството, а Конрад Рајнер во 36-та зголеми и на 3-0, најмногу и благодарение на македонската дефанзива. Јакуповиќ со својот втор гол во 54-та минута, повторно поради заспаноста на одбраната донесе и убедливи 4-0 за Австрија.

Македонија доби шанса во 85-та минута барем да стигне до почесен гол, но и од пенал црвено-жолтите не успеаа да постигнат гол. Австрискиот голман Пол Гартлер го одбрани ударот на Бесир Исени, а претходно се истакна со две фантастични интервенции бранејќи опасни удари на Костадин Чешмеџиев од слободен удар во 8-та минута од преку 20 метри, а потоа и пласираната топка на Елмас во 39-та од 20 метри. Македонија имаше уште две шанси преку Емил Абаз во 78-та минута, но неговиот обид, ниту шут-ниту додавање на втора статива заврши крај голот, и преку Влатко Стојановски во 90-та кога повторно биејќи крај голот.

Србија ја победи Ерменија со 1-0 на гости па го задржа максималниот ефект со пет победи и е лидер во групата со 15 бода, Русија е втора со 10, Австрија има 9, следи Ерменија со 7 (7 меча), Гибралтар со 3 (6 меча), а Македонија е последна со три бода од четири меча поради поразот од тоталниот аутсајдер во минатиот месец.