Де Лихт: И Македонија заслужува почит и не смее да ја потцениме!

Холандската ѕвезда во италијанскиот првак Јувентус, Матијс Де Лихт, репрезентативец на Холандија во интервју за еден од најпрестижните фудбалски магазини „Ворлд Сокер“, посочи дека сите ривали на „лалињата“ вклучувајќи ја и Македонија заслужуваат респект и не смеат да бидат потценети.

Холандија е во група со Австрија, Украина и со Македонија, а нашиот меч со „лалињата“ ќе биде во последното трето коло закажано за 21 јуни во Амстердам.

„Сите мора да ги третираме со респект, мора секој од нас да добие почит и никако не смее некого да потцениме. Така мора да пристапиме, со респект кон противникот, зашто на ЕП нема време потоа за поправен. Не мислам дека добивме некоја убава или лесна група, напротив“, вели Де Лихт.

Амстердам е еден од избраните домаќини за Европското првенство, но прашање е засега дали ќе остане домаќин, а уште помалку дали воопшто ќе има гледачи во оваа пандемија со коронавирусот.

„Не знаеме како ќе изгледа турнирот, посебно во делот со навивачите. Кога ќе кажете ЕП или СП, секако е дека сакате да играте пред гледачи, посебно кога сте еден домаќин, но сепак безбедноста е на прво место. Треба да се види како ќе биде“, додава Де Лихт.