ФФМ почна „под рака“ да ги продава картите за со Косово!? (ФОТО)

Иако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) официјално не објави ни каде, ни како ќе се продаваат билетите за историскиот меч со Косово во баражот за пласман на Евро 2020 на 26 март во Скопје, освен само колку ќе чинат влезниците (300 и 400 денари), веќе на ангро и „под рака“ се продаваат по општинските фудбалски сојузи.

ОФС Гевгелија денеска си објави дека заинтересираните што сакаат да го гледаат мечот со Косово може да купат влезници со приложување на лична карта или пасош до понеделник поради посебни безбедносни мерки, па за подетални информации оставени се два броја за контакт каде заинтересираните ќе може да добијат подетални информации. Интересно е што билети нема во сите општински сојузи, туку само во одредени.

Останува нејасно како билети веќе има во продажба по општнски сојузи, а ги нема во официјална продажба или ФФМ планира со своите „сателити“ да си направи приватна забава за историскиот меч. На еден месец до почетокот на мечот, јавноста ја дозна само цената и информацијата дека ќе има влезници само за јужната и северната трибина, додека западната ќе биде резервирана за сите навивачки групи, кои се обединија и кои најверојатно влезниците ќе ги добиваат преку своите клубови, додека источната е „продадена“ на гостинските навивачи од Косово.

Дел од медиумите на албански јазик пред една недела објавија дека влезници нема да се купуваат онлајн, туку само на одредени продажни места, ама иако јавноста не нестрплива и веќе се распрашува каде може да се набават картите, од ФФМ си молчат и веќе продаваат влезници, па сето ова веќе изгледа на голем циркуз.