Ангеловски: Верувам во фудбалерите и знам дека утре ќе победат!

Македонската фудбалска репрезентација утревечер (20.45 часот) му гостува на Лихтенштајн во претпоследниот меч од групата Д во Лигата на нации, во кој црвено-жолтите немаат друга опција освен да се вратат на победите по дебаклот во Ерменија (0-4) и да го направат претпослендиот исчекор кон освојување на првото место во групата.

Македонија по четири рунди е прва со девет бода, три повеќе од Ерманија и во последните два меча, утре со Лихтенштајн во Вадуц и в понеделник со Гибралтар дома сама решава за прашањето за пласман во плејофот за Евро 2020 низ Европа.

Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев пред гостувањето кај Лихтенштајн, посочи дека поразот во Ерменија беше само една лоша вечер, која (пре)трагично била доживеана и дека утре Македонија ќе го докаже вистинското лице.

„„Тој меч со Ерменија беше лоша вечер за нас, но мислам дека беше уште полоша вечер за судијата. Сега не чека Лихтенштајн, која не е наивна селекција, но ако одиграме како што знаеме мислам дека нема да имаме проблем да победиме тука. Поразот од Ерменија некои го доживеаја трагично, но јас и понатаму силно верувам во оваа генерација и тврдам и дека е најдобрата во нашата историја. И тоа ќе го докажеме на утрешниот натпревар!“, вели капитенот.

Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, посочи дека силно верува во „единицата“ Столе Димитриевски и дека во селекцијата има одлична атосфера во која е убеден дека неговите избраници ќе победат утревечер.

„Атмосферата во националниот тим е на највисоко ниво. И покрај оној резултат во Ерменија, силно верувам во овие момци и знам дека утре ќе победат против Лихтенштајн. Јас секогаш велам: 'не е важно против кого играме, но за што играме'. А утре играме за една голема цел и остварување на целта во оваа група, а тоа е првото место. Сите фудбалери се подготвени, без разлика кој ќе игра. Секако, силно верувам и во Столе Димитриевски без разлика на оној меч со Ерменија. Јасно е за каков голман се работи кога брани во најсилната шпанска лига. И сигурно воопшто не се спорни неговите квалитети. Наша цел беше неколку дена тука да се аклиматизираме, минавме успешни подготовки низ кои имавме идеални услови за работа“, вели Ангеловски.