Барди тешко го поднесува карантинот: Ќе полудам, се чувствувам како да сум во – затвор!

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Енис Барди, деновите ги минува во карантин во Валенсија, каде што ги исполнува задачите поставени од кондициските тренери на Леванте, тимот за кој настапува, во очекување првенството, конечно, да продолжи, откако веќе 50 дена е стопирано поради пандемијата со коронавирусот.

Тој тешко го поднесува периодот на самоизолација во која се наоѓа и која мора максимално да ја почитува, со оглед што морал да потпише документ во кој се предвидени неговите обврски, но и евентуалните казни ако се однесува спротивно на налозите кои ги добива од клубот.

„Без разлика што сум научен да живеам сам, што го правам од свои 16 години, веќе тешко го поднесувам карантинот. Мислам дека ќе полудам, бидејќи се чувствувам како да сум во затвор, а не во својот дом. Да не се тренажните обврски кои морам редовно да ги извршувам, сигурно ќе ми беше потешко. Пред да бидеме затворено обезбедив одредени справи за вежбање, па секогаш кога ми е досадно им се посветувам ним. А, тоа, во последно време, е многу често“, вели Барди во интервјуто дадено за унгарските медиуми.

Македонецот е интересен за новинарите од Унгарија бидејќи пред да замине за Леванте настапуваше во оваа држава и тоа во дресот на Ујпешт. Тој се потсетува на периодот додека играл за овој клуб, сметајќи дека таму најмногу напредувал. Барди со нетрпение го очекува рестартот на Ла Лига, иако не знае какво ќе биде чуството да се игра пред празни трибини.

„Ќе ни биде тешко да играме според сите правила, кои ни ги наложува пандемијата, особено на празни стадиони. Никогаш досега не сум играл пред празни трибини и сигурен сум дека нема да ни биде лесно. Но, тоа е цената која мора да се плати ако сакаме повторно да се игра фудбал. Здравјето на играчите и на навивачите е најважно во моментов“, дополнува Барди.

Репрезентативецот веќе три години настапува во Шпанија и веќе добро ги знае случувањата во оваа земја. Според него, Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид се најсилните екипи во моментов, а дека Севилја е веднаш зад оваа тројка. Тој во продолжение даде одговор и на прашањето кој е најдобар фудбалер во Ла Лига и за кого мисли дека е подобар во споредба помеѓу Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

„За мене нема дилема. Меси е убедливо најдобар, не само во Шпанија. Имам голем респект за Роналдо, од него се обидува да научам многу работи во фудбалската игра. Но, едноставно, Меси е пред сите според мене“, завршува фудбалерот на Леванте.

Барди ќе биде еден од главните адути на селекторот Игор Ангеловски во пресрет на полуфиналниот бараж-дуел со Косово од Лигата на шампионите. Засега нема прецизиран датум кога оваа средба би се одиграла, а најавите се дека би можело да се случи кон крајот на годината или во март 2021 година.