Ангеловски нема желба за полуфиналето: Во глава ми е само победа против Гибралтар!

Македонската фудбалска репрезентација утре против Гибралтар (20.45 часот) ја има „златната шанса“ со победа да го запечати пласманот во плејофот за пласман на Евро 2020 и да обезбеди домашно полуфинале во тој завршен бараж во март 2020 година, но селекторот Игор Ангеловски нема некоја желба која селекција би ја посакувал за противник во полуфиналето.

Македонија со победа ќе обезбеди домашно полуфинале, а во моментов Косово или Белорусија се потенцијални противници за тој претпоследен меч на патот кон Евро 2020.

„Немам посебна желба. Единствена желба која ја имам е да се наполни стадионот и да стигнеме до тој план да обезбедиме плејоф и домашно полуфинале. Сконцентрирани сме само на овој меч и не мислиме на ништо повеќе од тоа“, вели Ангеловски.

Македонија е апсолутен фаворит на утрешниот меч со Гибралтар, а Ангеловски посочува дека не е важно кога ќе се даде гол(ови), туку да се победи на мечот и да се завери планот.

„Добро е познат стилот на Гибралтар, селекција која претежно е ориентирана во одбрана, која ако им се остави простор може да организираат брзи контранапари. Јас кажав и пак ќе повторам, не е важно против кој играме, туку за што играме, а утре ќе играме за плејоф и домашно полуфинале. Тоа се големи мотиви и очекувам фудбалерите да дадат се од себе. Не важно кога ќе дадеме гол, најважно е да го дадеме и да победиме“, додава Ангеловски.

Црвено-жолтите нема да менуваат ништо во пристапот, иако утре ќе играат без капитенот Горан Пандев, кој поради жолти картони нема да биде во можност да го прослави 100-от меч во националниот дрес.

„Ние имаме опции за замена за Горан, но пристапот нема да го менуваме. Одиме офанзивно за да го добиеме мечот. Ние засега покажавме дека добро го правиме тоа со екипи кои се бранат, иако на минатиот меч не игравме како што сакавме. Но, јас на фудбалери постојано им потенцирам дека нема потреба да не фаќа паника, нервоза. Дај боже да дадеме брз гол, но треба да бидеме трепеливи“, додава Ангеловски.