Ангеловски: Можеме до подвиг и пласман на Евро 2020 – сега ни треба ладна глава!

Македонија очекувано ја запиша втората победа во овие евроквалификации откако со 2-0 вечерва беше победена Летонија, по што црвено-жолтите останаа на една победа од второто место, кое по ова шесто коло го држи Словенија со 11 бода, еден повеќе од Австрија, а два помалку од лидерот Полска.

Македонија идниот месец ја дочекува Словенија во Скопје (10 октомври), а три дена подоцна гостува кај Полска во Варшава (13 октомври), два меча кои се исклучително важни за македонската селекција, а селекторот Игор Ангеловски после вечерашната победа најави дека Македонија може до подвиг и директен пласман на ЕП.

„Верувам дека можеме да направиме подвиг и да стигнеме до пласман на Евро 2020, ако моите фудбалери го дадат максимумот. Од овие квалификации сум задоволен од сите детали, освен со мечот против Австрија. Сега првиот меч со Словенија нека биде едно 'финале', меч за пред полни трибини. Вечерва дојдовме по победа, ги освоивме трите боа и тоа е најважно. Останавме за последните четири меча со шанса за директен пласман“, посочи Ангеловски.

Селекторот потенцира дека целта од овие два меча е остварена, зашто се освоени повеќе од три бода.

„Можеби денеска требаше да победиме и поубедливо, но на ниту една победа не ѝ гледам во заби, Сега жачам само за испуштената шанса во Израел. Иако нè отпишаа, сега се враќаме во игра со реални шанси во октомври и ноември. Сега ни треба само ладна глава во соблекувалната и еуфортија на трибините“, додава Ангеловски.