Ангеловски: Игравме прекрасно, жалам што не победивме!

Македонија освои бод против Словенија на вечерашното гостување во Љубљана со ремито 1-1, па по воведните две кола црвено-жолтите имаат четири бода, колку и Израел, а два помалку од лидерот и фаворит во групата Полска.

Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски по мечот посочи дека жали што на крајот Македонија не победила, иако играла прекрасно и имала можност за такво нешто.

„Јас и пред стартот реков дека сè над три бода од овие два меча ќе биде добро за нас. Но, по тоа што се случуваше на теренот, морам да кажам дека со ваква прекрасна игра можевме и да победиме. Ме радува играта, создаваме шанси и тоа на гости против Словенија и тоа е показател на нашиот квалитет. Жалам што фудбалерите во завршните моменти ја загубија концентрацијата, можевме да ги освоиме трите бода“, рече Ангеловски.