Ангеловски: Далеку е Евро 2020, ќе биде погубно ако ја потцениме Ерменија!

Македонската фудбалска репрезентација утре од 18 часот во Ереван ќе ја има првата „меч топка“ за да го завери првото место во групата Д во Д-дивизијата во Лигата на нациите и со тоа да го обезбеди плејофот за пласман на Евро 2020, но селекторот Игор Ангеловски предупреди дека никако не смее да се потцени противникот, кој во саботата доживеа пораз од аутсајдерот Гибралтар со 0-1.

Македонија на половина пат во Лига на нации е најдобра селекција според учинокот, а во групата има шест бода повеќе од ривалите и уште утре може да го обезбеди тоа прво место со триумф во Ереван, но и реми на Лихтенштајн и Гибралтар. Во случај вториот меч да не заврши со реми, при наша победа во Ереван, формално ќе треба Македонија да освои бод од последните два меча против аутајдерите идниот месец.

Но, Ангеловски пред мечот посочи дека Македонија не треба да размислува за Евро 2020, туку да се сконцентрира само на дуелот со Ерменците, кои никако не смее да бидат потценети.

„Ни се подготвуваме за мечот знаејќи дека Ерменците се добар тим, дека ќе бидат лути по поразот од Гобралтар и затоа размислуваме како утре да е 0-0, како да имаме ист број на бодови. Само така може да извадиме максимум и да ја оствариме целта. Не смее да ја потцениме Ерменија, зошто тоа би било погубно. Евро 2020 е многу далеку и не размислуваме за тоа, туку во главата ни е само овој дуел со Ерменија. Тие ќе бидат лути и максимално мотвирани за да се извадат за тој пораз со Гибралтар. Мене ме радува што сите се здрави и што сме подготвени за овој меч. Играчите, нивната тактичка подготвеност ни се познати, Ерменците и со нов селектор ништо не сменија во системот и се подготвуваме за таа игра. Ние самите сме си најважни и мора да мислиме на себе“, рече Ангеловски.

Дуелот со Ерменија се игра утре од 18 часот, а судија на мечот ќе биде Швеѓанецот, Мартин Стромбергсон.