Адеми останува неизвесен за септември, но Милевски ќе го чека до – последен ден!

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, капитенот на Динамо Загреб, останува неизвесен за септемврискиот тромеч во рамките од мундијалските квалификации и дуелите со трите директни конкуренти најмалку за второто место кое води во бараж за пласман на Мундијалот во Катар догодина.

Адеми се повреди уште во првиот меч со Омонија во второто квалификациско коло во Лигата на шампионите и има мало оштетување на бутниот мускул на десната нога, но веќе две недели е во аут, а не играше ни вчера против Легија и засега не е точно познато уште колку ќе паузира.

Новиот селектор Благоја Милевски сепак се надева дека до 28 август Адеми ќе успее да одигра еден меч и со тоа да се стави на располагање, веќе од 29 истиот месец, кога стартуваат подготовките за тромечот со Ерменија на 2 септември во Скопје, па со Исланд на 5 септември на гости и со Романија на 8 септември во Скопје.

„Адеми има повреда на бутниот мускул и познавајќи го и знаејќи ја неговата желба да игра и да биде дел од Македонија, се надевам дека ќе ни биде на располагање. Се надевам дека повредата ќе ја залечи и телото ќе му одговори, а со тоа ќе запише еден настап за клубот за да може потоа да ни биде во конкуренција за мечевите во септември. Знаеме колку е потребен и ќе го чекаме до крајот“, рече Милевски за еден од клучните фудбалери во средниот ред на нашата селекција.

Селекторот за нешто повеќе од две недели ќе го соопшти списокот на фудбалери на кои ќе смета за неговото деби на клупата на националниот тим, откако денеска беше официјално промовиран за нов селектор, а од 1 август е официјално на клупата.