Звучи чудно: Роналдо побарал три засилувања за „старата дама“ од – Барселона!?

Еден од најдобрите светски фудбалери Кристијано Роналдо подготвил листа со три засилувања за следната сезона во Јувентус и интересно на неа нема ниту еден поранешен соиграч од Реал Мадрид, туку тројцата што ги посочи се фудбалери на – Барселона.

Јувентус планира сериозно да се засили откако сезонава испадна во четвртфиналето во Лигата на шампионите, па за сите засилувања во последно време „амин“ треба да даде најплатениот и најдобар фудбалер на клубот. Но, ако сите мислеа дека ќе си донесе некој соиграч од Реал, тој го направи спротивното – Јувентус ќе треба да оди на пазар во каталонија.

На листата на Роналдо се Хрватот Иван Ракитиќ, Французинот Самуел Умтити и холандскиот голманот Јаспер Силесен. Ракитиќ веќе подолго време се поврзува со трансфер во Интер, наводно вреден 50 милиони евра, а Хрватот веќе неколку години е една од главните алки во средниот ред на Барселона, кој би можел да падне во втор план по доаѓањето на Френки Де Јонг.

Умтити исто така може да „настрада“ зашто Барселона веќе извесно е дека ќе го купи и Матијс Де Лихт, а тука ги има и Жерар Пике и Ленгле како стопери, па од Французинот, Каталонците дури и одлично би заработиле. Умтити би требало да биде освежување за дефанзивата на Јувентус, особено што по серијата повреди во клучниот дел од сезоната „старата дама“ остана без многу решенија во последната линија.

Силесен веќе извесно е дека ќе си оди, зашто не сака да биде резерва на Марк Андре Тер Штеген, а Роналдо смета дека со неговото доаѓање ќе ја зголеми конкуренцијата помеѓу Матеа Перин и Војчех Шчесни и со тоа Јувентус ќе може да профитира, а голманите да бидат на ниво во текот на целата сезона.