Зошто Алекс Фергусон не го купил Тјери Анри, а го имал на тацна пред Арсенал?

Легендарниот Французин Тјери Анри е жива легенда на премиерлигашкиот фудбал и на лондонски Арсенал, каде остави неизбришлив белег, беше дел од генерацијата „непобедливи“, имаше неверојатна кариера по која потоа замина во Барселона. Но, пред да дојде на тогашен „Хајбери“, Манчестер јунајтед го имал на тацна.

Анри од Монако замина во Јувентус, а потоа во Арсенал. Но, пред да дојде во Лондон, Французинот посакувал да го облече дресот на Манчестер јунајтед, само што Алекс Фергусон на прва го одбил. И тоа со едно бизарно образложение.

Нед Кели, бившиот шеф за безбедност на „Олд Трафорд“, му бил и лично обезбедување на сер Алекс, а тој ја открил приказната како „црвените ѓаволи“ го пропуштиле Анри.

„После еден наш меч на 'Олд Трафорд' ми се јави Жан Мари Кантона, постариот брат на Ерик Кантона. И само ми кажа: 'Нед, Тјери Анри сака да дојде во Манчестер јунајтед. Те молам пренеси му на сер Алекс'. Ова беше пред Анри да замине во Арсенал. Првата желба му беше да дојде во Јунајтед. И јас заминав кај шефот и му реков: 'Шефе, се јави Жан Мари Кантона и ми рече да ви пренесам дека Анри сака да дојде кај нас'. Фергусон само кратко ми одговори: 'нема начин – постојано е повреден!' И потоа Тјери замина во Арсенал, а се друго е – историја“, објави Кели.