Зинедин Зидан е прв фаворит за наследник на Мурињо (ФОТО)

Француската легенда Зинедин Зидан, кој за две ипол години на клупата на Реал Мадрид донесе три европски титули и си замина летово, десет дена по освојувањето на последната европска титула во Киев е прв фаворит за наследник на Жозе Мурињо на кормилото на Манчестер јунајтед.

Англискиот великан денеска го смени контроверзниот Португалец по слабите резултати на „црвените ѓаволи“, па сега до назначување на нов менаџер, најверојатно Мајкл Керик ќе биде привременото решение за кормилото на најтрофејниот англиски клуб.

Според обложувачниците, Зидан е прв фаворит за да го преземе Манчестер јунајтед, а Французинот од поодамна се споменува како решение за клупата, уште откако се појавија првите информации во медиумите пред два месеци дека Мурињо се соочува со отказ. Според „Одсчекер“, Зидан е прв фаворит пред Маурицио Покетино, менаџерот на Тотнем, за кого неодамна меидумите најавија дека Јунајтед е подготвен да му плати отштета на лондонскиот премиерлигаш од 45 милиони фунти.

Во редот за потенцијални тренери се и Лоран Блан, Гус Хидинк, Антонио Конте, Леонардо Жардим...

Дека Зидан можно е да оди во Премиерлигата и да го преземе најтрофејниот клуб на Островот, најави и „Л'Екип“ уште во август годинава, а неодамна Арсен Венгер му порача на популарниот Зизу дека ако сака напредок во кариерата мора да оди во Премиерлигата од причина што таму се докажува уште повеќе големината, зашто шест клуба секојпат се борат за титулата.

Интересно „Мирор“ објави дека веќе е подготвена и листа на засилувања за „црвените ѓаволи“ на која се наоѓаат Тони Крос (Реал Мадрид), Хамес Родригес (се враќа од заем во Баерн во Реал), Тијаго Алкантара (Баерн) и Единсон Кавани (ПСЖ).