„Зидан ли е крив што Роналдо го заменија со Маријано Дијаз и Лука Јовиќ?“

Француската легенда Зинедин Зидан е пред отказ откако Реал Мадрид се најде на раб на елиминација уште во групната фаза во Лигата на шампионите, па најголем дел од шпанската јавност и навивачите на Реал Мадрид го посочуваат за „главен виновник“ за ужасно слабата сезона во ЛШ.

Зидан дојде да „гаси пожар“ во Реал, откако после неговото заминување по првиот мандат со три европски круни за две ипол години на клупата, изминатата сезона донесе титула во Ла Лига, ама сезонава не оди според планот во ЛШ. Но, дали Зидан е најголемиот виновник за ситуацијата, се прашува „Марка“, чиј новинар Хуан Игнасио Гарсија-Очоа во својата анализа ја „открива“ и другата страна на медалот.

„Да, Зинедин Зидан е на раб на отказ. Ако испадне следната недела од ЛШ, логично е да го напушти бродот, а сигурен сум дека и тој тоа го знае и тоа би била единствена логична одлука после епски неуспех, зашто елиминација од ЛШ во групната фаза би било најголем неуспех во историјата на клубот. Реал е клуб за титули во ЛШ, а не за играње во Лига Европа. Не е исклучено Зидан да си оди и ако го однесе Реал во осминафинале, а загуби од Атлетико во Ла Лига. Зидан 'танцува' по жицата од која може да падне, ама дали стварно е тој виновен? Дали Зизу е виновен што Роналдо го заменија со Маријано Дијаз и Лука Јовиќ? Дали Зидан е виновен што после заминувањето на Роналдо не е најден напаѓач од светска класа?“, пишува Гарсија-Очоа.

„Зошто Зидан е виновен, ако неговите фудбалери од неколку фантастични шанси не можеа да му дадат гол на Шахтер? Од четири зицери – не дадоа ни еден гол. Како би победил, ако не постигнеш гол од чиста шанса? Зошто Зидан треба да е виновен, ако Флорентино Перез не донесе ни едно големо засилување? Дека на Реал му треба тотална реконструкција е јасно и се гледа од далеку, тоа го бараше и Зидан, ама коронавирусот спречи такво нешто. Економската ситуација го натера Реал да плови со истата посада, а Зидан не избега од проблемите. Не избега, се фати со проблемите и не се жалеше. Дури и после рестартот, Реал прегази сѐ за титула, а сега дали Зидан е крив што Азар е постојано повреден? Повредите го уништија Реал, зашто вчера Бензема се врати, а претходно три меча по ред играше без костурот на тимот – Рамос, Валверде, Азар и Бензема.

Тоа што не игра Рамос е најголема загуба за тимот и најдраматичен момент. Реал загубил на осум од последните десет меча кога не играл Рамос. И сега, Зидан ли е крив за тоа? Исто како и за Винисиус и Родриго, кој сѐ уште не сјаат како ѕвезди. Реал даде 100 милиони за нив, двајцата Бразилци изгледаат добро, ама сѐ уште не се светски ѕвезди.

Ајде да бидеме искрени и да признаеме како стојат работите. Крахот на Реал почна од оној момент кога си отиде Кристијано Роналдо. Заедно со Зидан. Французинот се врати, го освои Суперкупот, ја освои и Ла Лига и ако ништо друго, барем заслужува почит и трпение поради тоа. Зидан тоа си го заработи зашто секогаш станува кога сите мислат дека е готов“, пишива новинарот на „Марка“.