Зидан ја презема Франција после Евро 2021 и го враќа Бензема во националниот тим?

Француската легенда Зинедин Зидан, актуелниот кормилар на Реал Мадрид можно е после Европското првенство летово да го преземе кормилото на Франција, зашто Дидие Дешан најверојатно ќе си замине по континенталниот шампионат, најавија француски медиуми.

Зидан не крие дека сака во иднина да биде селектор, а и самиот Дешан неодамна изјави дека природно и нормално после неговото завршување на работата со „триколорите“ е Зизу да го наследи, па се погласни се најавите дека такво нешто ќе се случи после ЕП, кое се игра низ Европа, а Франција како светски првак е еден од фаворитите за трофејот.

Под палката на Дешан, Франција играше финале на Евро 2016, а потоа го освои СП 2018 во Русија, додека Зидан со Реал Мадрид во првиот двоипол годишен мандат освои три европски титули, а по враќањето на кормилото на „кралскиот клуб“ стигна и до титулата во Ла Лига во минатата сезона.

Но, тоа што француската јавност остана подзината е најавата дека со доаѓање на Зидан на клупата на „галските петли“ во селекцијата ќе се врати и Карим Бензема, напаѓачот на Реал Мадрид, кој не е многу омилен кај француските навивачи поради низа скандали додека беше репрезентативец.