Земјотрес во Англија: Гризман ќе ја заобиколи Барса и доаѓа во премиерлигашки великан?

Француската ѕвезда Ентоан Гризман предизвика вистинска бура завчеравечер кога соопшти дека летово ќе си замине од Атлетико Мадрид, но вистинската лудница се очекува сега во исчекување кој гигант ќе биде неговиот следен клуб.

Шпанските медиуми веднаш го преселија Гризман во Барселона, сооглед дека веќе подолго време се најавува таков трансфер, иако ланското лето Французинот во „пет до 12“ го одби речиси сигурниот трансфер на „Камп Ноу“. Но, според последните информации Гризман ќе ја заобиколи Каталонија и ќе замине во – англиската Премиерлига.

Англиски медиуми најавија дека Ливерпул за 110 милиони евра ќе го купи Гризман и со тоа уште повеќе ќе се засили во обидот идната сезона после точно три децении да стави крај на проклетството и да се освои круната во Премиерлигата, која годинава за бод им избега и покрај освоените 97 бода.

Јирген Клоп сериозно го посакува Гризман во својот тим, но ако евентуално се случи ваков трансфер, останува отворено прашањето дали некој од триото Мохамед Салах – Саидо Мане – Роберто Фирмино ќе си замине од „Енфилд роуд“. Најблизу до заминување е Мане, зашто Реал Мадрид сериозно загриза за Сенегалецот, но Клоп не сака да продаде ниту една од своите ѕвезди во тимот.

Гризман лани во Русија ја освои светската титула со Франција, а со Атлетико Мадрид стигна до трофејот во Лига Европа, како и во европскиот Суперкуп.