Заврши сезоната за Ван Дајк: Стоперот на Ливерпул има тешка повреда по стартот на Пикфорд

Вирџил ван Дајк најверојатно ќе биде надвор од терените до крајот на фудбалската сезона, откако Ливерпул денеска потврди дека фудбалерот ќе мора да оди на операција на вкрстените лигаменти на коленото. 

Рехабилитацијата по една ваква повреда и операција вообичаено е од шест до осум месеци, а некогаш и повеќе. Иако „црвените“ не објавија прогноза за негово враќање на теренот, јасно е дека Холанѓанецот долго време ќе биде надвор од терените. 

Тој заработи повреда вчера на градското дерби против Евертон. Ја напушти играта во 11-тата минута, откако голманот на „карамелите“, Џордан Пикфорд брутално стартуваше врз него. Чуварот на мрежата на Евертон се спаси од црвен картон и пенал, бидејќи Ван Дајк беше во офсајд кога ја прими топката во шеснаесетникот.