Заминува ли Азар од Челси: Знае Реал Мадрид што треба да направи

Првата белгиска ѕвезда Еден Азар полека го подготвува теренот за спектакуларен трансфер од Челси, а јасно е дека европскиот првак Реал Мадрид сериозно е загреан да го ангажира. Белгиецот сонува да заигра на „Сантјаго Бернабеу“, па по СП во Русија веројатно трансферот и ќе се случи.

Белгија денеска игра со Панама во првиот меч од групата на Мундијалот, а Азар на белгиските новинари им кажал дека очекува повик од Реал Мадрид.

„Јас и претходно го кажав својот став и во Челси останувам само под еден услов, ако сериозно се засилиме. Ако не – заминувам! Од друга страна Реал Мадрид знае што треба да направи, ако толку ме посакува. Сите знаат дека Реал за мене е интересна идеја“, рече Азар.

Челси во изминатата сезона имаше катасторфлен настап, па „сините“ не обезбедија пласман во Лигата на шампионите и токму тоа е причината што Азар можно е да си замине, затоа што лондончани засега не покажуваат преголем интерес да направат екстра силен тим.

„Мора да постои проект што ќе ме привлече, како што тоа беше случај кога дојдов во Челси. Сега сум фокусиран на СП, а по Мундијалот ќе видиме што како“, додала белгиската ѕвезда.