За Кутињо нема место на „Камп Ноу“: Барселона ги продава сите фудбалери кои се на заем

Шпанскиот шампион Барселона решена е максимално да заштеди во периодов во кој поради пандемијата со коронавирус повеќе од два ипол месеци фудбалот е во прекин, па освен што ги намалија платите кај фудбалерите, сега ќе ги продаваат и сите играчи што се на заем, а меѓу нив и најскапата инвестиција – Фелипе Кутињо.

Кутињо кој за 150 милиони евра дојде од Ливерпул и не се снајде, ланското лето замина на заем во Баерн Минхен, но Баварците немаат намера да платат огромни 120 милиони евра за откуп, а Каталонците сега бараат друг понудувач за да се откачат од Бразилецот.

„Поради спортски, но пред сè економски причини, Барселона ќе ги продаде сите фудбалери кои ги има на заем. Играчите одат на заеми за да стекнат искуство, а потоа позрели да се вратат во клубот. Но, сите фудбалери што се на заем ова лето нема да се вратат во Барса“, тврдат шпански медиуми.

Кутињо е најголемиот проблем поради високата цена, за разлика од останатите кои полесно поже да бидат продадени, а веќе актуелните клубови каде играа фудбалери на Барса најавиле дека сакаат да си ги задржат фудбалерите, како што е Бетис за Алена и Селта за Рафиња, а на продажба се и Тодибо, кој нема да остане во Шалке, но има сериозен интерес од други клубови, потоа Ваге кој си оди од Ница, но Севилја и Валенсија се заинтересирани, како и Ориол Бускец и Педро, кои играа за Твенте односно Лас Палмас.

Шпанскиот шампион за новата сезона планира да се засили со Миралем Пјаниќ од Јувентус и со Лаутаро Мартинез од Интер, иако имаат желба да го купат и Нејмар, но веќе во најава е останување на бразилската суперѕвезда во Пари Сен Жермен.