Во Шпанија дури 160 фудбалери имале Ковид-19, а не знаеле

Шпанија веќе закажа рестарт на сезоната на 12 јуни со тоа што за да се стартува тогаш првенството ќе треба да сочека „зелено светло“, а веќе се направени првите тестови на Ковид-19 како прва превентивна мерка за заштита на фудбалерите пред да се продолжи со фудбалот.

После тестирањето, како што објави радиото „Кадена Сер“, кое важи за доста релевантно во поглед на информациите кои ги пласира, од тестовите пет фудбалери излегле позитивни, но тоа што многумина ги изненадило е што дури 160 имале антитела на вирусот, што значи дека претходно го прележале.

Никој од фудбалерите, чии идентитети не се објавени, не се пожалил на симптоми претходно, но тоа што ги изненади сите е како воопшто се заразиле во периодот, зашто сите тие имале најстрога изолација од клубовите за да седат дома и да не излегуваат со цел да не се најдат во поголема здравствена опасност. Станува збор за тестови на фудбалери од Примера и Сегунда.

Во Шпанија играат тројца македонски репрезентативци, Енис Барди (Леванте) и Александар Трајковски (Мајорка) се во Ла Лига, а голманот Столе Димитриевски (Рајо Валјекано) во втората лига.